| main menu

Home biography books audio reviews Press Events Gallery links Contact

Добредојдовте!

Јас пишувам лирска поезија, проза и книги за деца.
Независно кој жанр го читате, емотивноста надвладува.
Ако, пак, сакате скокотливи редови,
тогаш читајте ги моите куси раскази.
Ви благодарам што ја посетивте оваа страница,
Жаклина

Белешка за авторот

Жаклина Михајлова е родена на 10 март 1964 година во Кочани, Македонија. Во Сиднеј живее и работи од 1990 година. Во 1984 година, завршила Педагошка академија во Скопје, а во 1986 година завршила Филолошки факултет – група „Национална литература и македонски јазик”, на Универзитетот „Кирил и Методи”.

Од најраната детска возраст се занимава со литература и култура. Била член на Детската радио драма, при Националното македонско радио, а глумела детски улоги во повеќе радио драми и телевизиски серии. Работела како новинар и водител во Македонската телевизија, како професор по македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчески – Корчагин” во Скопје, како дописник на повеќе весници и списанија низ светот, како уредник и водител на Македонските радио програми „Македонски бисери” во Волонгонг и „Македонски глас” во Сиднеј. Денеска таа работи како учителка по македонски јазик во редовното Основно училиште во Калтон – Сиднеј.

Жаклина Михајлова е еден од основоположниците и Уредниците на Македонскиот телефонски именик за НЈВ и Канбера - најтиражнaтa публикација на македонски јазик печатена надвор од Македонија.

Таа е активист и хуманист, промотор на македонскиот јазик и македонската култура и доброволно работи на организирање и креирање на Манифестации кои го поттикнуваат зачувувањето на македонската култура и традиции. Таа е иницијатор и повеќе од 20 години организатор на Македонскиот бал за бизнисмени и професионалци во Австралија, а била организатор и на повеќе аматерски музички фестивали во Австралија , како и на два детски музички фестивали во Сиднеј : „Македонче”и „Златно славејче”.

Објавувала поезија и проза во најразлични литературни списанија и весници ширум светот. Досега ги има објавено збирката поезија „Од по жица”, збирката хаику поезија со наслов „Цут”, како и сликовницата за деца „Патувањето на Дедо Мраз”. Жаклина е член на Друштвото на писателите на Македонија и член на Друштвото на новинарите на Македонија. Таа е Претседател на Македонскиот просветно училишен одбор на Нов Јужен Велс, член на Координативното тело на федерацијата за јазици на заедницата во Нов Јужен Велс, член на Асоцијацијата за модерни јазици на НЈВ, член во Македонското литературно друштво „Григор Прличев” од Сиднеј, член е во Австралиско – македонскиот театар во Сиднеј, а членува и во повеќе добротворни организации.

Книги

Поезија

„Од по жица“

„Двојник“

„Цут“

„Шум“

„ТАЛКАЊА“

„Р У Е Н“

„ПРОДУКЦИЈА НА КУЛТУРЕН НАСТАН МЕТА ЕЛЕМЕНТ ВО ГЛОБАЛНОТО И НАЦИОНАЛНОТО“

Книги за деца

„Патувањето на Дедо Мраз“

„ЗЛАТЕНЦА“

„ПО УТРОТО ДЕНОТ СЕ ПОЗНАВА“

Аудио

Книги за деца - „ Патувањето на Дедо Мраз“

Аудио илустрација.

Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

Рецензии


Проф. д-р Христо Петрески
Расцутена во сопствениот „ЦУТ“
Хаику поезијата претставува една од врвните уметнички придобивки на јапонското, но и на светското книжевно творештво денес. Како ретко кој друг уметнички жанр, хаику поезијата може да послужи како пример за согледување на генезата од елитноста до масовноста. Како лирска минијатура, хаикуто ги изразува контрастите и нијансите, сликовитоста и мисловноста, реалноста, но и заумноста. Хаику поезијата денес е глобален културен феномен и затоа хаику поезијата станува еден од најдоминантните и најреспектабилните книжевни жанри воопшто во светот.
Само во Јапонија, годишно се создаваат милион хаику творби, а многу повеќе се пишуваат и надвор од границите на земјата на изгрејсонцето. Македонија според раширеноста, и уште повеќе според одомаќеноста на хаикуто, е еден од светските центри. Во македонскиот културен и духовен простор, во последните децении на минатиот век, полека но сигурно започна пробивот и на хаику поезијата. Еден од тие понови автори е и Жаклина Михајлова, која, еве, ни нуди прегратка свои хаику стихови. Во нејзините кратки (хаику) песни проличува нејзиниот светоглед, личните и емотивни сензации, катадневните опсервации, средбите со природата и луѓето, љубовта, поривите, страста...
Уште од насловот „Цут“ Михајлова нè наведува креативно и метафорички да размислуваме за концептот на нејзините хаику моменти. Иако ова е прво хаику дело, Михајлова религиозно се држи кон метриката и основите на овој вид поезија, доловувајќи ги тристишјата интензивно, прецизно, но истовремено и филозофски обмислено. Од/низ секое тристишје таа креира приказна за откровението кое е нераздвоен дел од хаикуто, и е во блиска врска со начинот на кој го гледаме светот. Тоа зависи од новиот начин на нашето забележување, како нешто да гледаме за прв пат, но истовремено и од нашето чувство дека, кога еднаш го имаме видено, знаеме дека ова забележување е вистинито, како за тоа да сме знаеле и претходно, но и дека тоа е така (и ќе биде така) засекогаш. Во „Цут“ поетесата расцутува 132 хаику пораки, низ кои суптилно се снимени и пренесени на хартија пораките меѓу природата и душата на човекот. Поетесата Михајлова убедливо навлегува во хаику светот и мудро ја вади мудроста на површина, како блесок - сведоштво за доживеаниот хаику момент, но и како поука и средство за отварање очи кај читателот.
Интроспекциски раширена помеѓу животот и природата, таа вели:„ Жал за дрвото,/птиците тажно пејат,/протестираат.“, или, пак ќе забележи: „Се тркалам јас/низ времето, времето/низ мене лета!“
Низ нејзините хаику творби провејуваат грст збирни мотиви: љубовни:
„ Како невреме – /бесрамно ти украдов/миг за памтење! “; тажни:„ Порои надвор,/порои креираат,/поплави внатре! “; болни:„ Кенгурски скок во/бездна е печалбата,/одроден човек!“
Хаику поезијата настојува да ја објективизира стварноста и повеќе ја набљудува однадвор, отколку одвнатре, што е видливо во секој хаику здив кај Михајлова.
Затоа, на поетесата Жаклина Михајлова и посакуваме добредојде во светот на хаикуто, а вам, на читателите, топло Ви ја препорачуваме оваа поетска книга.


Проф. д-р Христо Петрески
Расцутена во сопствениот „ЦУТ“
Хаику поезијата претставува една од врвните уметнички придобивки на јапонското, но и на светското книжевно творештво денес. Како ретко кој друг уметнички жанр, хаику поезијата може да послужи како пример за согледување на генезата од елитноста до масовноста. Како лирска минијатура, хаикуто ги изразува контрастите и нијансите, сликовитоста и мисловноста, реалноста, но и заумноста. Хаику поезијата денес е глобален културен феномен и затоа хаику поезијата станува еден од најдоминантните и најреспектабилните книжевни жанри воопшто во светот.
Само во Јапонија, годишно се создаваат милион хаику творби, а многу повеќе се пишуваат и надвор од границите на земјата на изгрејсонцето. Македонија според раширеноста, и уште повеќе според одомаќеноста на хаикуто, е еден од светските центри. Во македонскиот културен и духовен простор, во последните децении на минатиот век, полека но сигурно започна пробивот и на хаику поезијата. Еден од тие понови автори е и Жаклина Михајлова, која, еве, ни нуди прегратка свои хаику стихови. Во нејзините кратки (хаику) песни проличува нејзиниот светоглед, личните и емотивни сензации, катадневните опсервации, средбите со природата и луѓето, љубовта, поривите, страста...
Уште од насловот „Цут“ Михајлова нè наведува креативно и метафорички да размислуваме за концептот на нејзините хаику моменти. Иако ова е прво хаику дело, Михајлова религиозно се држи кон метриката и основите на овој вид поезија, доловувајќи ги тристишјата интензивно, прецизно, но истовремено и филозофски обмислено. Од/низ секое тристишје таа креира приказна за откровението кое е нераздвоен дел од хаикуто, и е во блиска врска со начинот на кој го гледаме светот. Тоа зависи од новиот начин на нашето забележување, како нешто да гледаме за прв пат, но истовремено и од нашето чувство дека, кога еднаш го имаме видено, знаеме дека ова забележување е вистинито, како за тоа да сме знаеле и претходно, но и дека тоа е така (и ќе биде така) засекогаш. Во „Цут“ поетесата расцутува 132 хаику пораки, низ кои суптилно се снимени и пренесени на хартија пораките меѓу природата и душата на човекот. Поетесата Михајлова убедливо навлегува во хаику светот и мудро ја вади мудроста на површина, како блесок - сведоштво за доживеаниот хаику момент, но и како поука и средство за отварање очи кај читателот.
Интроспекциски раширена помеѓу животот и природата, таа вели:„ Жал за дрвото,/птиците тажно пејат,/протестираат.“, или, пак ќе забележи: „Се тркалам јас/низ времето, времето/низ мене лета!“
Низ нејзините хаику творби провејуваат грст збирни мотиви: љубовни:
„ Како невреме – /бесрамно ти украдов/миг за памтење! “; тажни:„ Порои надвор,/порои креираат,/поплави внатре! “; болни:„ Кенгурски скок во/бездна е печалбата,/одроден човек!“
Хаику поезијата настојува да ја објективизира стварноста и повеќе ја набљудува однадвор, отколку одвнатре, што е видливо во секој хаику здив кај Михајлова.
Затоа, на поетесата Жаклина Михајлова и посакуваме добредојде во светот на хаикуто, а вам, на читателите, топло Ви ја препорачуваме оваа поетска книга.


Гордана Михаилова Бошнакоска
ДИЈАЛОГ СО СЕБЕ
(Жаклина Михајлова “Од по жица“)
Првата поетска книга на Жаклина Михајлова “Од по жица“ ни нуди песни кои што поетесата ги создавала неколку години , како мигови на свртување кон себе, свртување кое се наметнува од првата , па се до последната песна во оваа книга. Тоа нурнување носи неколку елементи како карактеристика. Најнапред ова се песни кои го одредуваат како тема, нејзиниот живот во Македонија и нејзиниот живот во Австралија. Во тој меѓупростор се сместуваат и песни кои ја сврзуваат со настани и личности, на кои што им ги посветува песните и кои го обликуваат нејзиниот однос кон нив.
Нејзината опсервативност и интелектуалност ги одредуваат тие интереси , кои преку говорот на поезијата ги прават истите едно лирско, интимно и само нејзино доживување, при што се согледува и дијалогот на авторката со самата себе си. Таа низ поезијата сака да ги проверува своите чувства и односот кон одредената тема и така тоа станува една универзална порака која ја праќа , но во која и самата обитува.
Би можеле да ги посочиме песните во првата главна тема, кои се инспирирани од животот, макар што меѓу нив има и такви кои се провираат како нови доживувања и нови сознанија. Одблесоците на новите слики и сознанија се лирски размисли на едно длабоко и многу лично доживување, кое сугерира откривање на нови настани, но и мигови кои длабоко навлегле во свеста на авторката, како посебност и нешто што треба да се задржи. Тука, особено би ги посочила песните “ На зајдисонце,“ На поминување“, “Живот“, “ Течение“ и други.
Дел од овие песни би можеле да бидат одредени и како татковински поради темата, зашто , всушност се своевидни одгласи , еха на нејзините задржани слики. Кажани се на лесен, лирски начин, што овозможува да бидат прифатени како песни на самиот читател. Во нив Жаклина Михајлова навлегува суптилно и чувствено, во толкувањето на особеностите на темата, на песната. Во оваа смисла би ги посочила песните :“Слава“, “Ангели“, “На татко ми “ и други.
Интересни се песните кои што се пишувани за нејзината татковина , Македонија, како и песните кои се со тематика за Австралија. И едните и другите го носат печатот на карактеристичното на овие два земји , на два континента.
Песните за Македонија на своевиден начин ја досегаат темата за неизбришливата, единствена и вечна љубов на поетесата кон Македонија , при што ги одредува карактеристиките и спецификите на енормната доблест на саканата татковина изразени преку песните: “ Илинденска“, “Код“,“ На Исус“, но и стрвот од денешната вистина , кој како крик се проткајува низ стиховите во “Македонија денес“.
Условно земено тематските песни поврзани и создадени на петтиот континент носат специфика на едно ново доживување, кое се состои во слики од согледувањето на околината и природата со сите нејзини сензации, а меѓу нив се издвојуваат “Улуру“, “Талбинго“, “Сиднеј“...

Со сите горенаведени специфики и доблести, поетската книга “Од по жица“ на Жаклина Михајлова, несомнено ќе биде придобивка и за Македонската литература , воопшто.


доц. д-р Христо Петрески
Трајни и трогателни напеви за далечијата и небиднината
(ДВОЈНИК на Жаклина Михајлова)
Поетската книга „Двојник” од Жаклина Михајлова претставува поетски дневник, ѓердан од чувства, опомени и патоказ, излив на пораки и страсти, сведоштво и документ. Всушност, нејзините песни се творби на/за вознесот, за устремите и падовите, за посакувањата и разочарувањата. При силниот емотивен набој, акцент е ставен на двојникот, на истомисленикот, кој телепатски, речиси сосема исто чувствува и мисли, па и идентично се однесува, размислува, пишува... Навистина, ретки се сродниците во животот, преплетувањата и поклопувањата, односно, не само физичките, туку и менталните удвојувања. Дел од поетските творби во стихозбирката „Двојник” се создадени во Република Македонија, а дел во далечната Австралија. Дури и тука постои двојство, но тоа е само географска биполарност, територијална оддалеченост, физичка немоќност, додека духовните пораки се едни и единствени. Жаклина Михајлова е горда и стамена Македонка, која испишува искрени и доживеани напеви и рефрени за својата родна земја, за прекрасните и незаборавните предели, за потомците, наследниците и следбениците... Нејзините лирски песни се полни со топлина и нежност, треперења и вибрации, кои во конкретниов случај (во стихозбирката „Двојник”) функционираат и импресионираат симбиозно и неразделно како пориви и резултати на две тела, а само со еден здив. Михајлова го истражува, раздиплува и разгатнува времето во просторот, но и просторот во времето.
Притоа често памукот е камен, а каменот памук. Отргнати, грабнати, откинати се миговите, па слободно можеме да констатираме дека оваа поетска книга е хроника на грабнатото, изминатото, но не и изгубеното време. Далечијата и небиднината се само две од повеќето присутни и опсесивни теми, неразделно и судбински поврзани и со егзистенцијата, односно – кога (и како) треба да се помине денот и да се преживее. Електронските пораки создаваат само привид, но тие носат и позитивен немир, (не)очекувана информација, зависност и задоволство... „Секоја планина со својата тежина” - ја стихува повторно оваа поговорка авторката, обраќајќи му се на конкретниот, но и на имагинарниот читател, распнати и соочени сите заедно помеѓу сонцето и месечината, како вистина недоречена. Една од најубавите песни во книгата е песната „Дека ти не си јас”. Инаку, во книгата „Двојник” не изостануваат и песните за задоцнетиот воз, хармонијата, пишувањето и читањето меѓу редови, за Кокино, Куклици и други, како и стиховите од творбите „Makedonija katana mundi” и „На патот за Македонија”. Оваа книга евидентно ја потврдува и посведочува авторската зрелост, исконската творечка потреба, родољубието и човекољубието, природноста и искреноста, мечтаеноста и почувствуваноста, фактографијата и документарноста, мисловноста и сликовитоста, миговноста и вечноста, просторноста и временоста, совремeнието и вечноста.

м-р Марина Мијаковска
„Двојник” во писмото и световите од хартии

„Двојник” во писмото и световите од хартии
„…Како на стража војникот над
мојот разум царува двојникот.
Исправено, постојано, цврсто
стои и клука неизмерно во
мислите мои...”

По поетското деби „Од по жица” од Жаклина Михајлова, во новата стихозбирка, оваа македонска поетеса продолжува
со шумоливото и емотивното поетско создавање соѕвездија. Стихозбирката „Двојник” на Жаклина Михајлова е исклучителенo впечатлив ракопис во кој авторката на умешен начин создава поетски пораки за внатрешниот и интимниот свет на женското битие. Поезијата е интимистичка, длабоко емотивна, облечена во лапидарна, разиграна и модерна форма. Hиз ѕидовите накусите песни провејува духот на женската душа, а пораките се споделена интимност на женското битие – истражувач и трагач по среќа и простор за себе и за двојникот свој. Поезијата е творечка енергија, двојник на писателката, паралелен свет, моќ и животна светлина од чија прашинка се создадени световите со душа за лирското „овде” и метафизичкото „таму”. Поезијата на Михајлова е дијалогична и во неа лирското јас е во постојан дијалог со себеси, со сопствените мисли, емоции, светови и просторности од типот „овде” и „таму”.

Лирското јас е на постојан расчекор помеѓу прашањата за двојството помеѓу: Јас и Јас, Јас и Ти и Јас и Тоа. Низ дијалогизмот на монолошкото јас истовремено се огласува авторовото не-јас. Таквата рефлекција може да се забележи од следниве стихови на Јас и Јас:
Јас и јас / и многу помеѓу нас: / молк без причина, / далечнина без мостови, / време без простори, / игри без граници, / поетски брканици / црно на бело пишаници, / коски од други доглодани, / живот и почек допирлив, / моменти и спомени собирлив.

Hа оваа авторка и се иманентни копнежот како главен именител на женскоста и женскиот трперлив глас низ кои се слушаат темите за: љубовта, осамата, тагата, далечната татковина, празнината... Книгата е мозаик структуриран во три циклуси: Илузија, Хармонија и Моја Македонија.

Во поетскиот циклус Илузија во песните (Песна, Двојник, Рак, Прашање, Не како што е речено, Зависност, Роман прв, Роман, Божилак, Сонце и месечина, Поплава, Дека ти не си јас, Фуснота и др.) провејува гласот на женскиот лирски субјект што копнежливо талка помеѓу прашалниците, поделените простори, илузиите од мракот и светлината, тагата и радоста. Низ поетскиот дијалог на лирското јас и другите, всушност се трага по љубовта, возвишеноста и високите идеали за совршената среќа. Двојникот е амблем на целата стихозбирка и е нејзин патоказ во просторните светови и егзистенцијални состојби и дилеми. Затоа со право може да се каже дека овој циклус е главно творечко јадро на целата стихозбирка.

Во вториот циклус врамен под насловот Хармонија, авторката во песните (Хармонија, Ветер, Немир, Фиљан – човек, Светулка, Меѓу редови, Бездна, Егзија, и др.) создава лирски субјект кој за миг е порационален и поподвижен во световите ,,над” и световите „таму”. Во треперливите поетски ноти, лирскиот субјект води борба помеѓу непремостливите простори и поделените состојби. Тоа најефективно е обоено во стиховите од песната Езгија, кои во себе носат исконска и поентирана патриотска порака: Со сила убавина не бидува, / шепоти македонското во мене!

Во последниот, а воедно и третиот циклус Моја Македонија, авторката е во дијалог со сопствените корени, својата душа и родното огниште. Во песните (На патот за Македонија, Кокино, Куклици, Албино-пауница, На збогување и др.) лирското јас е во дијалог со македонскиот бит, македонскиот двојник и просторот Македонија. Конечно во овој последен циклус ги добиваме одговорите на прашалниците за тоа кој е двојникот на лирскиот субјект. Јадицата се уловува во копнежот да се биде поврзан со сопствената татковина, а македонскиот бит е одраз и отслик на сопственото двојство. Тоа може да се проследи од песната На пат кон Македонија и од следниве стихови:

Стрела, зрак допир по сонцето ти праќам, / Македонијо моја,
многу те сакам!

„Двојник” од Жаклина Михајлова е извонредно поетско писмо преку кое авторката уште еднаш ја потврдува писателската зрелост, талентот, изградениот стил и поетското техне. Со задоволство им го препорачувам на љубителите на поетските светови од хартии.


Михаил Ренџов
ТОА СУМ ЈАС...
(Жаклина Михајлова “Од по жица“- поезија)
Поетското писмо испишано од поетесата Жаклина Михајлова е длабоко и чувствено, што длаби само по себе и во себе. На виделина го вади она што таа го осознава во своето битие, во своето живеење. Искрена е и мудра во поетскиот исказ и израз.
Таа во својот ракопис остава белег – патоказ за своето чувствено живеење, копнеење и размисла. Стиховите таа не ги пишува , тие течат, извираат, се излеваат. Тој изблик е искрен до болка.
Со овој ракопис таа навистина зад себе остава доказ за своето чувствено живеење, за својата богата личност, полна со емоции и согледби за животот, за луѓето и настаните. Со испишаното таа сака да рече : Ете , тоа сум јас, Жаклина Михајлова, со сите мои размисли, копнежи, таги и со чувството кон луѓето, кон татковината, кон местото во кое живеам, кон животот, воопшто.
Читањето на оваа книга го открива сознанието за поетесата – онаква каква што е : искрена, чиста и блиска.


доц.д-р Христо Петрески
ВОЗБУДЛИВИ ТАИНСТВА, АМАНЕТИ И ВОЗНЕСИ
(Жаклина Михајлова: “Од по жица“, Македонско литературно друштво “Григор Прличев“ - Сиднеј (Австралија), 2013 година.)
Книгата “Од по жица“ од Жаклина Михајлова е двојазично издание, во кое се содржани вкупно 33 песни објавени на англиски и македонски јазик и поделени во три циклуси и тоа: “Живот“, “На Македонија“ и “Австралија - вечен непокор.“
Инаку, книгата е збогатена со илустрации од Жанина Алексова, рецензии од Гордана Михаилова - Бошнакоска и Михаил Ренџов, како и фотографија и белешка од авторката. Да се оди по жица, тоа значи постојано да си над бездната, да се обидуваш да мафташ со рацете како да си птица, одвај да се одржуваш во воздухот, да чекориш внимателно и полека - стапка по стапка, да еквилибрираш и да стигнеш од едниот до другиот крај на жицата - за да не паднеш од височината долу! Тоа го можат само моќните и вештите, а можеби и нема подобра метафора, компарација и самочувствие кога станува збор за подолг престој и живот на недомицилното население во странство!
Жаклина Михајлова е родена на 10 март 1964 година во Кочани. Во Сиднеј живее и работи од 1990 година. Значи, релативно рано, во својата 26-та година го вкусила далечниот австралиски печалбарски леб и, еве сега, по цели 23 години од тогаш - нñ се претставува со својата прва поетска книга. Жаклина Михајлова, инаку, има завршено Педагошка академија, но и Филолошки факултет во Скопје, а била член на Детската радио драма, млада и надежна актерка, но и новинар, дописник, водител и уредник, гимназиски професор по македонски јазик во Скопје, а денес е учителка по македонски јазик во Сиднеј. Таа од најрана возраст се занимава со литература и култура, активист е и хуманист, промотор на македонскиот јазик и македонската култура, организатор на музички и други манифестации за зачувување на македонските традиции, член на Здружението на новинарите на Македонија и член на Македонското литературно друштво “Григор Прличев“ од Сиднеј. Годинава е актуелен добитник на наградата “Иселеничка грамота“, за најдобра објавена книга од нашите иселеници во странство, токму за нејзината прва самостојна творечка објава - стихозбирката “Од по жица.“
Жири-комисијата во состав: Христо Петрески, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Вера Стојчевска - Антиќ и Елена Оровчанец - Спироска, за наградената книга “Од по жица“ од Жаклина Михајлова констатира дека “таа се издвојува од останатата поетска продукција со својата заокруженост и целовитост, односно со тематско-мотивските содржини и применетите изразно-стилски постапки.“ Во книгата доминира љубовта кон таткото, со кого авторката е неразделно поврзана и постои некоја многу трајна и таинствена врска, но тука се и интимните и длабоко доживеани мигови, тонови и рефрени посветени на татковината Македонија, како и изливите на љубов, симпатија и убавина кои произлегуваат од пределите на новоосознаената, засаканата и прифатената австралиска почва.
Уште на самиот почеток, во првата песна од книгата, авторката Жаклина Михајлова за животот ќе рече дека е тој: “Животно течение, / грст од ДНК што / дише од дамнина / како нем сведок за / диригирано мнение“.
Убаво срочено: сликовито, мисловно, почувствувано, прецизно и точно. И, така: “Ден по ден / летаат годините, / ден по ден / шетаат мислите, / ден по ден / минува времето / безмилосно, / чиниш полно, / а празно! Сé во очекување на / некое ново време, / со надеж за светлост, / за спокоен живот, / за убав збор, / за љубов... / Залажување!“ Исповедна лирика, за течението на животот - река, како што доликува и произлегува од кревката и ранлива душа на еден човек откорнат од домашното огниште, преселен, растргнат и втурнат во новиот и туѓ предел.
Авторката сака и настојува да го гушне целиот свет, како вистинска интернационална мисионерка и хуманитарка од типот на Мајка Тереза и другите бројни светски добротвори, нејзините раце се вредни и штедри, добрината и благодетелноста не ги штеди и ñ се враќаат како единствена опција, себепостоење и себепотврдување, но и (не)очекувана сатисфакција. Животот е непредвидлив, но и непоштедлив. Патот е трнлив до сончевиот зрак, околу но и во себеси често се наоѓа длабоката празнина, пиедесталот е стаклен, што ќе рече - нестварен и кршлив, а солзи колку сакаш, па дури и - цела вреќа, но и насмевки, коски, жешки костени, црвени јаболка, бисери, пепел... Мечти и желби за уште!
Окото е алчно, срцето страдно, раката недофатлива... По нови копнежи, возбуди и надежи, но и наследен и морален срам, болки, исчекувања, агонии, тајни...
А, кога е човек далеку во туѓина, мора да знае и да води дијалог со самиот себеси, со својот двојник и речиси со никој друг, да шепоти само со сопствените пазуви и дамари, да разговара во молк.
Во “Од-от по жица“, покрај нежните љубовни вибрации, односно трепетливите нежни песни, присутни се и сериозни и опоменувачки, па дури и жестоки патриотски навеви, чувства и воспеви, од кои се исткаени и двете одлични песни “Македонија денес“ и “Македонецот“. Една од антологиските песни во книгата е “На заминување“, а земено во целост, стихозбирката обединува галерија од ликови и летопис од настани, односно претставува хроника, запис и сведоштво во кое постојано се провлекува и проличува документаристичката (фактографската) и историската (светата и исконска) нишка и каде како мисла-водилка зрачи позитивната енергија, мирот, спокојот, толеранцијата..
“Сî е добро. / И моето и твоето, / и нашето и вашето. / Дури и нивното е добро!“ - така пее поетесата Жаклина Михајлова, која покрај напевите за нејзините сакани татко и баба, им се обраќа и на своите деца-ангели пред нивното одраснување и заминување, односно пред нивниот неминовен лет и одлетување.
Авторката испишува лепеза од спомени, скриени болки, соништа, таговни звуци, недопеани песни..., а најубавите и најемотивните зборови и чувства како да се оставени за светата земја: “убавице милениумска, / исконска земјо - / моја Македонијо!“.
Ова се песни за навек, за секогаш, за вечност...
Песни за убавината и разочарувањата, за радостите и болките, за непремолчувањето и молкот, за вознесот и резигнацијата...
Возбудливи таинства, мозаици, воздишки, аманети и реликвии...
(Скопје, 17.6.2013 година)


Жаклина Михајлова
Кон „ Двојник“, Агенција за иселеништво на Македонија, јуни 2014
Автоскоп
Поетската реч ми е искрена , чувствителна и навидум едноставна, но сигурно повеќеслојна и длабока. Наменета е за повеќе групи на читатели, кои можат во склад со сопствените искуства да се пронајдат во пишаниот збор. Тоа го овозможува искреноста на изворниот исказ исполнет со емоции, кој доаѓа директно и длабоко од душата и со кој може да се поистовети скоро сечија судбина, како и дијапазонот на зборови, изреки и мудрости директно црпени од македонската традиција и народната литература. Преку нив се доловува поистоветување на душата ми со душите на широката читачка публика.
Стиховите ми се полни со женствена сила, со љубов за ближните, љубов за убавините на татковината, натопени се со чувства што копкаат по разумот, роварат и постојано ставаат прашалници во душата, а во тој вител на патешествија и беспатја, во тој вител на живот поделен на два дела и растргнат на два континента , на пиедестал си ја вадам и душата која исто така е поделена на две- два дела за двојник, два дела за јаве и сон, два дела за копнж и неоствар, два дела за виделина и темнина, два дела за минато и сегашност, два дела за биднина и небиднина, два дела за Фројдовското јас...
Кристално чистите мотиви низ стиховите предизвикуваат мечта за длабока анализа на човековото постоење. Тие се предизвик за пресврт во размислувањето , од секојдневно до суштински генетичко и историско, за себеосознавањето и за гордоста на припаѓањето на народ, на земја , на историја која обврзува на почит.
Стихозбирката “Двојник“ е патоказ кон себесвртување, себеанализирање и себепочитување, патоказ кон искрено себеогледување на постигнатото , на посакуваното, на заборавеното. Огледување во огледалото на реалноста, така потребно во денешниот забрзан живот.


ТАЛКАЊА ПОМЕЃУ ПРОСТОРИТЕ ОД СЕЌАВАЊА И БУКВИ
            Пред нас во ДПМ ги имаме најновите стихозбирки за возрасни од македонската писателка Жаклина Михајлова. Оваа дводомна писателка за деца и возрасни живее и твори во два дијаметрално далечни културни простори – Македонија (родината) и Австралија (домот-туѓина). Затоа; не случајно оваа поетеса-номадка создава емотивно разголени и патувачки творби кои се во постојано движење во денотативната семантика на поетскиот јазик. Михајлова е и вешта талкачка и освојувачка на поетските светови и простори, познати и непознати. За неа се иманентни физичките и конкретните патувања на релација дом-туѓина и дом-странство, но исто така; и духовните и интелектуалните преселби, затоа што; таа е наставничка по мајчин јазик во Сиднеј и авторка што постојано духовно и културно се усовршува и себеизградува. Тргнувајќи од тој факт можеме да констатираме дека во двете новоотпечатени стихозбирки под насловите: „Талкања“ и „Руен“, поетесата создава автопоетични песни бидејќи, во секој стих се огледува како во огледало ликот на нејзината индивидуалност и искрената и објективната реалност.
            Во стихозбирката „Талкања“ движењето во просторните патокази е движење и на поетските пораки кои се повеќеслојни и напластени со боите на главните и универзалните одлики на лириката. Поезијата во книгата „Талкања“ се одликува со куса и сугестивна форма затоа што таа се пишува во еден здив и излегува низ еден продуховен вдах на лирските минијатури во од. Поезијата е и глад и жед и храна и љубов. Тоа е главна поетска слика изразена во лирската песна Вистината:
Вистината
Јадеше,
Туркаше,
Се товеше...
Компензација
за глад
или
жед за љубов?
            Во оваа стихозбирка тематските и мотивските јадра како слоеви се најразноврсни, па токму затоа; во некои песни се пее за љубовта како главен именител на општочовечката љубов, копнежливата љубов на релацијата маж-жена, пријателската љубов и родољубивото чувство. Низ грстот од педесеттината сугестивни и шетачки песни опстојува егзистенцијалната потреба за осознавање на просторот овде и сега (Австралија-Македонија), но; и на просторите таму (Индија; Кина; Хаваи; итн.), а кои се истовремено и далечни и имагинарни посакувани дестинации за нова инспиративна котва. Токму затоа композициски оваа книга е поделена на два компактни делови; како клучни маркери на двата сопоставени простори-дом и патувачките раселени јаства.  Во првиот дел песните се обележани од боите на виножитото на родината, а во вториот дел се нурнува под  шарените пејзажи и платна на Кина, Индија, Хаваи, итн. Во прегратката на личните импресии се бара хармонијата помеѓу самиот себе и светот, а таквото талкање по хоризонтите е всушност; желба за себепронаоѓање и вкотвување во еден лиминален простор за творење; а сето тоа е изразено во песните од првиот циклус: Пусто женско; Автоскопска; Пустиов; Солзење; Потребна песна; Македонска; и други.„Талкања“ се одликува со тематска и просторна широчина на погледот вон и во. Такви се патувачките песни од вториот циклус, а обединети во обрачот на насловите: Талбинго; Хаваи по четврт век, Хаваи по дваесет и пет години, Хавајските китови; Првото видување на Кина; Саемот во Квант Џо; Индија;  и други. На талкањата на Жаклина Михајлова по сопствената родина и туѓина им нема крај. Поетот-номад е и турист и талкач; и немирен истражувач и невкотвен патник кој не се врзува за појасот на еден центриран и лимитиран простор. Таму каде што е движењето, таму е жедбата на мислата и центарот што постојано ни бега и се измолкнува од погледот на тој што гледа. Таму каде што е песокта, таму е и водата, а и лебот на поетското писмо кое жари со искрите на љубовта.
            Втората стихозбирка под насловот „Руен“ е тематски и стилски поразлична од претходната. Многу македонски поети пишувале поезија вдахновена од магијата на мајчиниот јазик и опиена од душата на кирилицата. Јазикот и азбуката за поетот е материја за креативно создавање на уметничките творби. За секој поет нема ништо повозвишено и посвето од азбуката! Јазикот е светлина, моќ, леб за создавање, богатство и двигател на личниот и колективниот хабитус. Според Роман Јакобсон, јазикот е систем од знаци со чие поврзување се добива повисока семантика, а тоа е најсилно изразено и експлицитно во моќта на поетскиот јазик и полнотијата на неговите функции, a кои се најсилно изразени во суштината на поетскиот свет. Азбуката на Кирил и Методиј и словото на Св. Климента се главна епифанија за поетско создавање исплетен венец од стихови во „Руен“ на Жаклина Михајлова. Руен е највисокиот врв на Осоговските планини кои се наоѓаат во прегратката на Кочанската котлина, а од каде што поетесата влече корени по својот татко. Именувањето на стихозбирката по врвот Руен има една метафорична семантика за поетесата, а тоа е дека возвишеноста се постигнува само преку врвот и коренот на јазикот. Постоиме како луѓе и поети само преку и во полето на јазикот. Словото е и глас и легло на тишината. Тоа е истакнато во следниве стихови кои велат:
Топи тага, тишино
тивко, тивко, тивкичко...
            Стихозбирката се состои од триесет и четири песни. Триесет и една песна се однесуваат на триесет и една буква од кирилицата, а трите песни Азбука, Руеница и За македонскиот јазик се еден вид на рамка како Пролог и Епилог во поетската постапка. Песната Азбука е еден вид на Пролог во кој се најавува концептот на целата стихозбирка. Секоја песна е насловена според семема создадена од една од буквите од азбуката. Со параномазиска техника на извртување на зборовите, нивно преоблекување и пресоздавање на нови зборовни огнови се гледа моќта на македонскиот јазик да биде значаен и звучен истовремено. Секој збор почнува на истата буква од азбуката и на тој начин се создаваат фоно-морфолошките и семантичките фигури кои ја зголемуваат поетичноста и создаваат семантичка фигуративност на поетските визури. За поетесата секоја буква е важна и секоја е убава на свој начин, а посебно се маркантни песните посветени на необичните букви; а како што се: ѕ, ѓ, џ, ќ, љ, њ. Пример за таквата поетска полнотија на поезисот е и следнава лирска стегната минијатура:
Ѕенѕање
Ѕунѕурки
            ѕунат,
                 ѕвончето
                     ѕвони
ЅЕ ѕирка!

       Ѕуницата
               ѕида
                  ѕвездоденица.
            Така наредените етимолошки зборовни каламбури не мора да имаат конкретно и еднодимензионално значење, но со звучноста и акцентот на една буква се прават универзални поливалентни поетски слики, а во кои царство е јазикот, а негови жители се сите триесет и една буква. Целата стихозбирка на Михајлова е кујна за готвење на зборообразуваните лирски форми. Секоја од песните е активно еуфонично вдахнување на живот во поетскиот јазик. Стихозбирката завршува со песните Руеница и За македонскиот јазик кои се еден вид на Епилог на поетскиот шлаг. Токму во оваа последна песна на Михајлова стихозбирката добива една полнотија на уметничката изведба на поетските слики. Токму во неа е собран целиот емотивен набој на поетската постапка на создавање на бушави песни кои се просторни патокази. Формите на песните од двете стихозбирки се експериментални и разиграни, а главно стилско обележје е згуснатоста на поетскиот лакмус и високиот степен на создавање звучни и значни созвучја. Стилот и во двете успешни книги на Михајлова е обременет со висока фигуративност исткаена од стилската оркестрација на: параномазијата; анафората; епифората; зигмата; епитетот, итн. Кусите песни се облечени со облека од звучни и созвучни кованици преку кои поетскиот јазик добива една ѕвездена и универзална димензија.
            За двете најнови стихозбирки под наслов „Талкања“ и „Руен“ од поетесата Жаклина Михајлова можеме да констатираме дека се успешна поетска авантура што плови помеѓу водите на буквите на македонската азбуката и талкањето по широкото поле на јазикот како можност за отворена креативност. Таму каде што е талкањето таму е и човекот, таму каде што е водата таму е и постоењето, а таму каде што е човекот таму е и јазикот и обратно!
м-р Марина Мијаковска

Настани

Контакт

41°52'53.3"N 22°30'13.1"E